Утре предвремени парламентарни избори на Косово

Изборна кампања на Косово

На Косово утре ќе се одржат парламентарни избори, една година пред редовниот рок, откако првата косовска Влада на широката коалиција падна поради несогласувањата околу договорот за разграничување со Црна Гора, чија ратификација беше услов за приближување кон ЕУ.

Како што јави ДПА, според анкетите на јавното мислење, се очекува на изборите да победи „националистичката коалиција“ на Демократската партија на Косово (ПДК) на косовскиот претседател Хашим Тачи и Алијансата за иднината на Косово (ААК) на поранешниот премиер Рамуш Харадинај, кој би можела да се најде во позиција самата да ја формира следната влада.

ПДК на Тачи до мај беше дел од владината коалиција со Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) на премиерот Иса Мустафа, но Владата се распадна поради нејзината неспособност да го протурка договорот за демаркација на границата со Црна Гора.

Противниците на договорот го оценуваат како штетен и тврдат дека Приштина со него отстапила „дел од територијата кој е важен за косовските овчари“.

Иако усвојувањето на договор за границата е поставено како директен услов за косовските граѓани за да добијат безвизно патување во Европската унија, ПДК се приклучи кон опозицијата и пред неговата ратификацијата и нејзините пратеници се изјаснија за недоверба на Кабиентот на Мустафа.