Убиен водачот на албанските џихадисти во Исламска држава

Куќата на Лавдрим Мухаџери во Качаник, Косово.

Самопрогласениот командант на албанските џихадисти кои се борат со борците на Исламската држава во Сирија и Ирак, Лавдрим Мухаџери е убиен во бомбардирањата во Мосул, јавува новинаската агенција Ројтерс. Агенцијата цитира полициски извори кои тврдат дека тој е убиен, без да даде други детали.

Чичкото на Мухаџери ја потврди смртта, објави агенцијата.

Мухаџери стана познат по видеото објавено на интернет во 2014 година на кое се пприкажува како тој обезглавува човек во Ирак. На друго видео, пак, тој убива човек со граната.

Во ноември, косовските власти соопштија дека уапсила 19 луѓе под сомневање за врски со милитантите на Исламската држава, кои планирале да извршат терористички напади. Полицијата соопшти дека осомничените добиле наредби за напад од Мухаџери.

Во изминатиот период беа пласирани, во неколку наврати, информации дека Мухаџери е убиен, но тој повторно се појавуваше. Сегашната вест за смртта на, како што пишува електронското издание на приштински „Експрес“ „Касапот од Качаник“, ја потврдило и неговото семејство во Качаник.