ВМРО-ДПМНЕ: Не сме барале амнестија во разговорите со СДСМ

Илустрација-седиштето на ВМРО-ДПМНЕ

Премиерот Зоран Заев во вчерашното интервју лажеше и имаше несигурен и површен настап, со многу празнини во однос на политиките кои планира да ги реализира новата Влада, оцени денеска на прес-конференција Христијан Мицковски, член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

„Заев лажеше дека кој било од ВМРО-ДПМНЕ во разговорите со СДСМ побарал каква било амнестија. Заев излажа дека во Буџетот се останати само 6 милиони евра. Неговиот министер за финансии се пофали дека на 5 јуни се исплатени околу 77 милиони евра од Буџетот на име на субвенции, стипендии и пензии“, рече Мицковски.

Вистината е дека новата влада на СДСM во буџетот доби 130 милиони евра, а премиерот, рече Мицковски, лаже и дека јавниот долг изнесувал над 50 отсто од БДП, а скриениот долг изнесувал над милијарда евра.

„Фактичката состојба гласи дека јавниот долг на 30.04.2017 година изнесувал 45,9 отсто. Со овие паушални бројки и лаги, Зоран Заев и практично го загрозува кредитниот рејтинг на Република Македонија и ризикува кредиторите во иднина да бараат повисоки каматни стапки”, рече Мицковски.