Избрани вицепремиерите, министрите без ресор добија задолженија

Владата избра вицепремиери и им даде задолженија на министрите без ресор на денешната прва владина седница на новиот кабинет. За вицепремиери се избрани министерката за одбрана Радмила Шеќеринска Јанковска и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Бујар Османи е избран за вицепремиер задолжен за европски прашања, Кочо Анѓушев за економски прашања и за координација со економските ресори и Хазби Лика за спроведување на Рамковниот договор и политички систем.

Од министрите без ресор, Роберт Поповски ќе биде задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Едмонд Адеми за дијаспора, Самка Ибраимовски за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во Република Македонија, Зоран Шапуриќ за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија и Аднан Ќахил, Зорица Апостоловска и Рамиз Мерко ќе бидат задолжени за странски инвестиции.

За генерален секретар на Владата е именуван Драги Рашковски.

На седницата се формирани и основните комисии на владата.