На првата седница на Владата ќе се распределуваат ресорите

Премиерот Зоран Заев и членови на новата Влада.

Премиерот Зоран Заев најави дека на денешната прва седница на Владата ќе се распределуваат ресорите и портфолијата на министрите без ресори и ќе се поставуваат заменици претседатели на Владата, како и тоа дека ќе се избира генерален секретар, шеф на кабинет и ќе се воспостават постојните и адхок комисиите во Владата за да може да се постават нејзините стартни контури.

Пред почетокот на конференцијата „Жени во енергетика“ што денеска се одржува во Скопје тој истакна и дека една од темите на неформалниот дел на седницата ќе биде економскиот пакет на закони што се подготвувал целиот период додека граѓаните очекуваа нова Влада. Заев порача и дека уште денеска би сакал да се сретне со лидерот на ДУИ Али Ахмети за да може да продолжи договарањето за замениците министри, директорите на јавните претпријатија и агенции и распределбата на експерти во владините органи.

На прашањето што ќе се случи со најавата за уривање на оградата и отстранување на новиот мебел во Владата, Заев рече дека имаат намера да ја направат Владата отворена за граѓаните и тоа секој ден, а не само на отворениот ден за граѓаните.