Украина ги обвини сепаратистите за напади врз цивили

Архива - Украински војник ги покажува позициите на сепаратистите поддржани од Русија во Донбас. 30.03.2017

Украинските власти ги обвинуваат сепаратистите поддржани од Русија за артилериски оган во кои биле повредени најмалку девет цивили, оштетени згради и за прекинување на снабдувањето со вода во градот Краснохоривка во текот на викендот. Инцидентот минатата недела предизвика предупредување од страна на ОБСЕ, која соопшти дека стапката на насилство во украинскиот конфликт во шест месеци е повеќе од двојно зголемена во споредба со претходната година.

Според украинското Министерство за одбрана, центарот на Краснохоривка на 28 мај бил погоден најмалку 12 пати со ракети „Град“ и со друг вид тешка артилерија лансирана од територијата под контрола на сепаратистите и оти 14 згради биле оштетени или уништени, вклучително згради и куќи.

Од почетокот на конфликтот во април 2014 загинаа повеќе од 9.940 луѓе, а Москва и Киев меѓусебно се обвинуваат за прекршувањето на договорот за прекин на огнот потпишан во Минск.