Во истрагата за обидот за пуч во Турција притворени околу 50 000 луѓе

Турција- протест на поддржувачите на дел од притворените за неуспешниот обид за пуч, 22.05.2017

Во рамките на истрагата, преземена по обидот за преврат во Турција, што беше изведен на 15 јули минатага година, досега се притворени вкупно 50.136 осомничени лица, пишува весникот „Милиет“, повикувајќи се на податоци на Министерството за правда, пренесува МИА. Турските власти ја обвинуваат терористичката организација (ФЕТО), на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кој живее во САД, за организирање на обидот за преврат. Според податоците на Министерството за правда, за десетте месеци истрага по обидот за преврат преземени се судски дејствија против вкупно 154. 694 лица, од кои 50.136 сега се наоѓаат во притвор. Во рамки на истрагата 45.708 од притворените лица се ослободени, а потоа ставени под судска контрола, а други 12.753 се ослободени по завршување на судските постапки. Истовремено, турските власти трагаат по вкупно 7.112 лица, осомничени за врски со ФЕТО.