Трамп ги повика членките на НАТО да ја засилат борбата против тероризмот

Дел од учесниците на состанокот на НАТО во Брисел

Американскиот претседател Доналд Трамп на денешниот состанок во Брисел ги повика лидерите на другите 27 земји членки на НАТО да направат повеќе во борбата против тероризмот и да ги стават имиграцијата и заканите од Русија на врвот на нивната агенда. Трамп, кој во минатото ја окарактеризира безбедносната алијанса како застарена, го повтори своето барање до членките да ги зголемат трошоците за одбрана.

Претходно, Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека членките на Алијансата ќе се согласат на денешниот состанок за учество на НАТО во коалицијата против Исламска Држава (ИД), но оти Алијансата нема да биде ангажирана во борбени операции. Ова ќе испрати силна политичка порака за посветеноста на НАТО на борбата против тероризмот, рече Столтенберг.