Нов инцидент во трговски центар во Манчестер

Велика Британија - Луѓе бегаат од трговскиот центар Арндал во Манчестер. 23.05.2017. Фото Ројтерс.

Луѓе бегаат од трговски центар во англискиот град Манчестер. Новинската агенција Ројтерс цитира сведоци како велат дека слушнале силен тресок.

Претходно најмалку 22 луѓе беа убиени, а околу 59 беа ранети во експлозија пред арената во Манчестер каде американската поп пејачка Аријана Гранде имаше концерт, соопшти британската полиција. Сведоци изјавија дека слушнале голема експлозија вчера околу 21 часот и 45 минути по локално време во моментот кога луѓето излегувале од Арената.

Во меѓувреме и британската премиерка Тереза Меј изјави оти „нема сомнение“ дека експлозијата на концертот во Манчестер ноќта на 22 мај е „груб терористички напад“ и дека полицијата го утврдила идентитетот на напаѓачот.

„Сега знаеме дека еден терорист активирал импровизирана експлозивна направа во близина на еден од излезите на местото на случувањето, намерно одбирајќи го времето и местото за да предизвика максимално крвопролевање и да убие и повреди неселективно“, рече Меј.