ВМРО-ДПМНЕ-укинувањето на екстерното е антиреформа

Илустрација-лого на ВМРО-ДПМНЕ

Заменик министерот за образование Спиро Ристовски во име на ВМРО-ДПМНЕ од партиското седиште денеска рече дека екстерното тестирање е тестирање на реално стекнатото знаење кое што постоело во сите напредни земји и претставувало одреден стрес за ученикот но дека тоа не било голгота туку неопходен дел на образовниот процес.

„Намерата на СДСM да го укине екстерното тестирање не е реформа, туку антиреформа. Намерата на СДСM да го укине екстерното тестирање е додворување на дел од родителите кои се третираат само како потенцијални гласачи, а не и како луѓе на кои државата трба да им обезбеди подобро образование за нивните деца и да бидат поуспешни во животот“ рече Ристовски.

Оваа реакција следува откако СДСМ вчера соопшти дека ќе ги достават до Парламентот предлог измените на законите за основно и средно образование што се однесуваат на укинување на екстерното тестирање.

„Сакаме да ги заштитите учениците, родителите, наставниците и професорите уште оваа година, да не треба да поминуваат низ голготата низ којашто поминуваат години наназад“ рече пратеникот од СДСМ Стефан Богоев.

Тој најави дека очекуваат по скратена постапка да се донесат законските измени и уште од оваа година да се укине екстерното тестирање за учениците од основното и средното образование.