Кина бара поблиска соработка меѓу Азија и Европа

Учесниците на самитот за промоција на кинеските трговски иницијативи во Пекинг

Кинескиот претседател Си Џинпинг повика на поблиска соработка меѓу Азија и Европа во областите од антитероризам до финансии на Самитот за промоција на кинеските трговски иницијативи во Пекинг на кој учествуваа 29 земји и за кој се верува дека може да го зголеми глобалното влијание на Пекинг во трговијата и геополитиката. На Самитот е изложена иницијатива на кинескиот претседател „Еден појас, еден пат“ за заживување на античката трговска рута „Пат на свилата“, кој прв пат беше претставен во 2013 година.

Кинескиот претседател вети 124 милијарди долари за иницијативата која има за цел да ја поврзе Кина со Африка, Азија и Европа преку мрежа пристаништа, пруги, патишта и индустриски зони.

Говорејќи пред публиката во која беа и рускиот претседател ВЛадимир Путин и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, Си Џинпинг ги уверуваше западните дипломати дека планот не е само обид да се промовира кинеското влијание во светот, туку оти е создавање нов модел на соработка од заемна корист. Западните земји имаат претставници на пониско ниво.

Кинескиот претседател застана во одбрана на глобализацијата, откако американскиот претседател Доналд Трамп вети дека ќе ја стави Америка „на прво место“ во меѓународната трговија и односи.