Трамп и Лавров на разговори во Белата куќа

Американскиот претседател Доналд Трамп се состана со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во Белата куќа, 10.05.2017.


Американскиот претседател Доналд Трамп се состана со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во Белата куќа, додека американските законодавци продолжуваат да реагираат за отпуштањето на директорот на ФБИ

Трамп по разговорите со рускиот шеф на дипломатијата Сергеј Лавров изјави дека средбата била "многу добра", и дополни дека убиствата во Сирија мора да престанат и оти сите работат кон таа цел.

Ова е прва средба на Трамп со висок официјален претставник на Русија откако ја презеде функцијата и во сенка на сомневањата дека Москва се мешала во претседателските избори.

Претходно Лавров имаше средба со американскиот државен секретар Рекс Тилерсон на која разговараа за Сирија, Украина, и други прашања.

Тилерсон рече дека состанокот бил шанса за "продолжување на нивниот дијалог и размената на ставови", по неговата посета на Москва минатиот месец. Во тоа време, Тилерсон рече дека односите со Русија е потребно да бидат повторно изградени

За време на минатогодишната изборна кампања, Трамп повика на подобри односи со Русија. Од преземањето на функцијата, сепак, многу високи претставници на Кабинетот изразија поостар став кој е поблизок до оној на политиката на поранешниот претседател Барак Обама.