Иванов го добил писмото од Џафери, очекува гаранции од Заев

Архивска фотографија-претседателот на Македонија Ѓорге Иванов

Писмото од Собранието на Република Македонија е пристигнато во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, вчера на 09.05.2017 година, информираат од Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов. Во писменото соопштение наведуваат дека шефот на државата очекувал од лидерот на СДСМ да го исполни јавно искажаниот збор дека „заедно со коалиционите партнери ќе обезбедат гаранции за зајакнување на унитарноста на државата и дека сè ќе биде во согласност со Уставот на Република Македонија".

„Претседателот Иванов останува на ставот дека танаречената платформа од Тирана, ниту кој било друг документ, акт или дејствие спротивни на Уставот на Република Македонија, не може да биде услов, ниту пак основа за формирање и дејствување на Влада во Република Македонија. Македонскиот претседател,во однос на определување мандат, ќе постапи согласно Уставот и досега воспоставената практика“ пишуваат од Кабинетот на претседателот.

Претседателот на Собранието Талат Џафери, вчера откако во Службен весник беше објавена одлуката за неговиот избор, испрати второ писмо до Кабинетот на претседателот информирајќи го дека има ново парламентарно мнозинство. Првото писмо тој го испрати на 4 мај, а и тогаш од Кабинетот на Иванов информираа дека го примил писмото и дека ќе постапел согласно Уставот на Република Македонија и воспоставената практика.