СДСМ најави реформи во полицијата, за ВМРО-ДПМНЕ тоа е лицемерно

Илустрација

Генералниот секретар на СДСМ Оливер Спасовски, кој беше и министер за внатрешни работи во техничката влада, денеска најави дека ќе спроведат реформи во полицијата и безбедносните служби со цел таа да стане како што рече професионален, модерен и ефикасен сервис на граѓаните.

„Заедно со професионалците, ќе ги направиме потребните реформи преку коишто ќе овозможиме полиција што ќе ги штити исклучиво граѓаните, а не нечии лични, партиски или какви било други интереси“, рече Спасовски на прес-конференција.

Тој додаде дека ќе ги подобрат условите за работа на вработените во полицијата и безбедносните служби и ќе ја зајакнат довербата и соработката меѓу полицијата и граѓаните.

На ова реагираше ВМРО-ДПМНЕ.Како што рече на прес-конференција Орце Ѓорѓиевски од таа партија крајно лицемерно било СДСМ да зборува за професионалност во полицијата, бидејќи кога Спасовски бил министер за внатрешни работи направил, како што рече, брутална и противзаконска партизација на полицијата.

„Спасовски не направи една полициска акција за сузбивање на криминалот. Напротив се фотографираше со припадници од наркомафијата и подземјето, со фалсификатори како Чауш и со криминалци кои му одработуваа на теренот“, рече Ѓорѓиевски.