Руско хакирање и страхувања од политички раздор на Западот

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Руското хакирање на изборите посеа раздор во САД

Русија успеа да посее политички раздор во Соединетите Држави со мешањето во претседателските избори лани. Најверојатно Москва ќе се обиде да го повтори тоа. Ова го оценија екс директорот на националното разузнавање Џејмс Клапер и екс претседателот на Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом Мајк Роџерс.

Тие за време на панел дискусијата на универзитетот Хавард наведоа дека Русија ја постигна целта со хакирањето и затоа би можело Москва сега да се обиде сличен успех да постигне и со изборите во Франција и Германија.

Американското разузнавање во јануари годинава заклучи дека рускиот претседател Владимир Путин наредил хакирање на Демократската партија во корист на републиканецот Доналд Трамп.

Тоа во Њујорк го повтори и поранешниот американски државен секретар Хилари Клинтон:

„Тој секако, се мешаше во нашите избори. И беше јасно дека тој се меша за да ми наштети и да му помогне на мојот противник“, рече таа.

Клинтон која беше кандидат на демократите за претседател се прашува како само неколку часа по објавувањето на 7 октомври на снимката во која Трамп зборува навредливо за жените беа обелоденети на Викиликс хакираните мејлови на Клинтон и нејзините соработници.

Таа за нејзиниот изборен пораз го посочи и директорот на ФБИ Џејмс Коми кој покренаа истрага за користењето на нејзиниот приватен мејл само неколку дена пред претседателските избори.

Според неа, тоа ги „уплашило гласачите“.

Во меѓувреме, рускиот претседател Владимир Путин по разговорите во Сочи со германската канцеларка Ангела Меркел ги отфрли обвинувањата за руското мешање во изборите на западните земји:

„Ние никогаш не се мешаме во политичкиот живот и политичките процеси на други земји и многу би сакале во нашиот политички живот и во политичкиот живот во Русија никој да ни се меша“, рече Путин.

На истата прес-конференција, Меркел јасно ставајќи до знаење дека Германија ќе се справи со секаква појава на лажни вести или некаков вид мешање во изборите рече:

„Јас не сум анксиозна личност, јас ќе се борам на изборите врз основа на моите убедувања“, рече таа.