Уште пет кривични пријави за насилствата во Собранието

Единицата за насилен криминал при СВР Скопје до Основно јавно обвинителство – Скопје денеска поднесе кривични пријави за уште пет лица за настаните во Собранието, за кои постојат основи на сомневање дека извршиле кривично дело „Учество во толпа што ќе изврши кривично дело“. Како што информира МВР, новите кривични пријави се поднесени врз основа на прегледани видео записи добиени од медиумски куќи, како и видео записи од безбедносните камери во Собранието. Со тоа вкупно 20 лица добија кривични пријави за настаните што се случија во четвртокот на 27 април во Собранието на Република Македонија. Полицијата соопшти дека и понатаму презема мерки и активности со цел идентификување и документирање и на други лица учесници во насилствата во четвртокот.