Нишани нема да гласа ако опозиција не учествува на изборите

Претседателот на Албанија, во заминување, Бујар Нишани

Претседателот на Албанија, во заминување, Бујар Нишани, изјави дека доколку на престојните парламентарни избори не учествува и опозицијата, тој нема да излезе да гласа.

„Јас пред да бидам претседател на Република Албанија, пред сè сум нејзин граѓанин. Како граѓанин имам свои начела, убедувања, предрасуди и едно од главните начела е она поврзано со слободите. Во еден политички систем од витален интерес се изборите, слободата. Во овој миг кога јас немам алтернатива за избор, не може да бидам дел од процесот на гласање“, изјави Нишани за албанската државна телевизија.

Според него, без учество на опозицијата и албанските граѓани нема да имаат алтернатива за избор и оти институциите кои ќе произлезат од такви избори се нелегитимни.

Во врска со обвинувањата на актуелниот премиер Еди Рама дека бил „едностран претседател“ Нишани одговара дека тоа била и ќе остане реторика на Рама.

Парламентарните избори закажани се за 18 јуни. Законскиот рок за пријавување измина на 19 април. Потоа Централната изборна комисија го продолжи до 29 април, а сега опозицијата има рок да се пријави до утре, трети мај.