Шилегов: Поседуваме докази за терористичко загрозување на уставниот поредок

Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов

Портпаролот на СДСМ Петре Шилегов денеска изјави дека поседуваат сериозни докази коишто упатуваат дека во четвртокот во Собранието било извршено кривичното дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, додавајќи дека станува збор за прекршување на член 313 од Кривичниот законик. Toj рече дека СДСМ бара Министерството за внатрешни работи и Јавно обвинителство, да не одолговлекуваат и веднаш да почнат со утврдување на одговорноста за инцидентот во македонското Собрание.

Шилегов посочи дека имаат фотографии, видео материјали и други докази и оти знаат кои се лицата кои со и без маски извршиле обид за убиство на пратеници во Собранието, и напаѓаa новинари и вработени во Собранието.

"Доказите ќе ги доставиме до надлежните институции. Укажуваме, Министерството за внатрешни работи и државното Јавно обвинителство, да не одолговлекуваат и да не бараат оправдувања на третиот ден по инцидентите, и веднаш да постапат, по службена должност, за утврдување на одговорноста ", рече Шилегов.

Портпаролот на СДСМ додаде дека нападот на пратениците, новинарите, како и нападот на Собранието како државна институција е загрозување на уставниот поредок и безбедноста и дека за тоа мора да има одговорност, како за нарачетелите така и за извршителите.