Народниот правобранител со критика до МВР

Народниот правобранител Иџет Мемети.

Народниот правобранител Иџет Мемети најостро ги осуди вчерашните случувања и упадот во Собранието на Република Македонија, како и насилството врз пратениците и новинарските екипи. Истовремено тој упати критика за, како што наведе, непрофесионалното и селективно постапување на МВР.

„Примената на двојни аршини во работата на овој орган, ги потврди констатациите на Народниот правобранител за длабоката партизираност на ова Министерство, што е за секаква осуда. Народниот правобранител ја критикува инертноста на полициските службеници кои видно од вчерашните снимки, иако беа присутни не реагираа, и дозволија насилство, а новинарите беа попречени во вршење на својата работа и беше повредена слободата на медиумите“, се наведува во соопштението.

Според Мемети насилството не е метод за решавање на недоразбирањата и несогласувањата и го повика МВР да се воздигне над партиските интереси и на ефикасен и професионален начин да ја извршува својата функција во најдобар интерес на граѓаните.