Собранието празно, повредени над 100 луѓе во насилствата

Лидерот на СДСМ Зоран Заев, лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села и други пратеници од владејачкото мнозинство се повредени, откако демонстрантите упаднаа во Парламентот и ги нападнаа, по изборот на Талат Џафери од ДУИ за претседател на Собранието. Полицијата предоцна реагираше и доцна синоќа ги евакуираше пратениците. САД и ЕУ го призна изборот на Џафери за нов собраниски спикер.

Полицијата ја испразни собраниската зграда. Пред сите влезови има полицајци, а околу Собранието се поставени метални барикади. Пред Собранието остануваат демонстрантите од иницијативата „За заедничка Македонија“. Тие претходно ја окупираа собраниската зграда, тепаа пратеници и новинари и кршеа инвентар и опрема.

Седумдесет граѓани, 22 полициски службеници и тројца пратеници побарале лекарска помош во болниците во Скопје, соопштија од МВР. Од таму велат дека дополнително во Касарната Ѓорче Петров била укажана лекарска помош на уште седум луѓе.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Насилства во Собранието

Претседателот Ѓорге Иванов по настаните во Собранието повика на смиреност. Тој ги повика политичките лидери на средба за да најдат излез од настанатата ситуација.

Талат Џафери нов собраниски спикер

Сè започна кога пратениците од парламентарното мнозинство во тензична атмосфера го изгласаа Талат Џафери за претседател на Собранието, по што демонстрантите од иницијативата „За заедничка Македонија“ влегоа во Собранието.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев, пратениците Радмила Шеќеринска и неколку други од СДСМ, пратеникот од Алијансата за Албанците Зијадин Села се повредени во Собранието. Во салата во која беа тие упадна поголема група луѓе со фантомки кои почнаа да кршат и да тепаат. Новинарите и снимателите беа избркани од просторијата, а доколку некој се обидуваше да снима му беа одземани и кршени микрофоните и камерите.

По полноќ Заев пристигна во партиското седиште, а пред седиштето има група поддржувачи.

Потоа од СДСМ испратија соопштение во кое повикаа на воздржаност и присебност од секој граѓанин. Апелираат на смиреност и никој да не подлегнува на насилните сценарија и провокации за нереди.

Од СДСМ додаваат дека сите оние кои вршеа насилство врз легитимните претставници на граѓаните во Парламентот и врз Законодавниот дом, ќе се соочат со лична кривична одговорност.

Во насилството во Собранието нападната е и новинарка на Радио Слободна Европа, а одземена и скршена е и редакциската камера.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Шок бомби за растерување на демонстрантите пред Собранието

Меѓународна осуда за насилството

Меѓународната заедница го осуди насилството. Американската амбасада во Македонија најостро ги осуди насилните напади во Собранието и порача дека насилството не е во согласност со демократијата и не е прифатлив начин да се решат разликите. САД потенцираат дека ќе работат заедно со новоизбраниот спикер на Парламентот Талат Џафери за да се поддржи демократијата, што е во интерес на Македонија.

Осуда за денешниот напад и порака дека насилството во Собранието е неприфатливо упатија шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини и европскиот комерсар за проширување Јоханес Хан во заедничко соопштение. Могерини и Хан порачаа дека е неопходно смирување и воздржаност. Могерини и Хан посочуваат дека е позитивен изборот на Талат Џафери за нов спикер на парламентот.

Не е време на насилство, ова се вознемирувачи вести, рече амбасадорот на Шведска, Матс Стефансон, како најстар амбасадор во земјава во името на ЕУ и САД во своето обраќање по настаните во Собранието.

„Ова е време за дијалог, не за насилство. Апелираме до сите страни да се воздржат од потпалувачки реторика и активности кои може да ги разгорат работите, исто така апелираме дека полицијата има одговорност за воведување на редот“, рече тој.

Амбасадорката на ОБСЕ во Македонија Нина Соумалаинен побара запирање на насилствата. Таа на Твитер напиша дека полицијата треба да ја осигура безбедноста на парламентот и на пратениците. Претседавачот на ОБСЕ, Австрија, исто така на Твитер ги осуди и повика на итно запирање на насилствата. „Потребно е да се врати редот и мирот“, велат тие.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Дипломатскиот кор загрижен за состојбата во Македонија

Груевски - Насилството не е решение

Насилството не е решение и потребно е смирување на страстите, напиша претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на својот Фејсбук профил.

„Повикувам на присебност. Народот да не подлегнува на провокациите на СДС и оние кои сакаат да ја втурнат државата во уште подлабока криза и да го исполнат нивното сценарио. Потребно е смирување на страстите“, пишува тој.ВМРО-ДПМНЕ ќе се спротистави на овие антидржавни постапки на СДС преку правни и политички демократски средства, додава во статусот.