ДУИ останува на одлуката за ново парламентарно мнозинство

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети.

Демократската унија за интеграција попладнево соопшти дека нема промена во одлуката да се создаде новото парламентарно мнозинство, кое ќе го избере Талат Џафери за претседател на Собранието и оти сите други информации ги смета за злонамерни шпекулации.

„Оваа одлука не е индивидуална определба на поединечен член на ДУИ, туку е колективна партиска одлука и реализација на албанските очекувања на изборите. Затоа, со огорченост ја демантираме оваа измислица како тенденциозна и сосема неточна информација. Парламентарно мнозинство во овој состав нема да има без ДУИ и ДУИ останува темел на духот на реформите, интеграцијата и еднаквоста во согласност со Охридскиот договор“,се вели во соопштението.

ДУИ посочува дека е посветена на реализација на волјата на новото парламентарно мнозинство, изборот на Џафери за претседател на Собранието и формирањето на новата влада.