Русија: Изјавите на Рама и Тачи ги креваат тензиите на Балканот

Архивска фотографија: Албанскиот премиер Еди Рама и косовскиот претседател Хашим Тачи

По повод изјавите на албанскиот премиер Еди Рама и косовскиот претседател Хашим Тачи за обединување на делови од Србија со Косово, руското Министерство за надворешни работи денеска оцени дека „зад лицемерните разговори за стабилизација во регионот под чадорот на НАТО всушност се поткопуваат темелите на стабилноста“.

„Покрај прикриените и неосновани обвинувања на сметка на Русија за обиди за дестабилизација на ситуацијата во Југоисточна Европа, се преземаат мерки во стварност да се преточи големоалбанскиот проект, овој пат со потпирање врз Уставот на Албанија, што на Тирана и дава за право да ги штити интересите на сите Албанци надвор од Албанија“, соопшти рускиот МНР, а пренесува ТАСС.

Овој курс на прекројување на границите на Балканот драматично го поткрева нивото на потенцијал за судир, го пренесе руската агенција соопштението на руското МНР

„Токму во ова светло ги толкуваме изјавите на Рама и Тачи“, порачуваат од руското Министерство за надворешни работи.