Лукашенко индиректно го критикува Путин

Белорускиот претседател Александар Лукашенко

Белорускиот претседател Александар Лукашенко индиректно ја нападна Москва во неговото годишно обраќање, укажувајќи дека Русија се обидува да доминира во трговската унија со поранешните советски републики. Во неговиот денешен говор во парламентот, кој во живо беше пренесуван на телевизија, Лукашенко укажа дека се покажало како тешко да се „воспостават еднакви врски врз база на меѓусебна почит“ меѓу членките на Евроазиската економска унија. Тој рече дека членките меѓусебно се обвинуваат за почнување војна со цените и оти било невозможно да се делат заедничките приходи.

Набљудувачите велат дека рускиот претседател Владимир Путин се обидува да ја искористи Евроазиската економска унија, во која членуваат Русија, Белорусија, Казахстан, Ерменија и Киргистан, да го засили влијанието во земјите од поранешниот Советски Сојуз и да и се спротивстави на Европската унија.

Во исто време, Лукашенко изјави дека Белорусија има „стратешки“ односи со Русија и дека тој и рускиот претседател имаат воспоставено „врски со доверба“.