Опозицијата во Албанија ќе ги радикализира протестите

лидерот на Демократската партија Љуљзим Баша

Албанската опозиција, која протестира без прекин од 18 февруари, од следната недела најави радикализација на протестите, почнувајќи со блокирање на сите патни правци во земјата. За в понеделник, ден пред доаѓањето во Тирана на преговарачот за надмнување на политичката криза во Албанија, Дејвид Мекалистер, кој е претседавач со Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, опозицијата најмалку еден час ќе ги блокира патиштата. „Ќе се обединиме меѓу 11 и 12 часот за целосна блокада на националниот сообраќај низ цела Албанија“, најави лидерот на најголемата опозициска сила во земјата, Демократската партија, Љуљзим Баша. Тој верува дека оваа форма на протест, користена и претходно од неговата партија, ќе ја засили пораката на одлучност на опозицијата дека не се откажува од барањето за техничка влада.