Франција-двајца приведени во пресрет на претседателските избори

Франција-министерот за внатрешни работи Матиас Фекл

Француското министерство за внатрешни работи соопшти дека привеле двајца мажи за планирање „опасен и насилен напад“ пред претседателските избори. Министерот за внатрешни работи Матиас Фекл рече дека двајцата, како што ги нарече, радикализирани мажи се родени 1987 и 1993 година, а по националност се Французи. Тие биле приведени денеска во јужниот француски град Марсеј. Фекл рече дека безбедносните мерки за изборите и за кандидатите се зголемени.

Првиот круг на изборите ќе се одржи на 23 април. Од 11 кандидати за двајцата што ќе влезат во вториот круг ќе се гласа на 7 мај. Крајната десничарка Мари Ле Пен и центристичкиот кандидат Емануел Макрон водат на испитувањата на јавното мислење, но и конзервативниот кандидат Франсоа Фијон и Жан-Лук Мелехон од крајната левица исто така имаат шанса да влезат во вториот круг.