Собранието ја продолжува конститутивната седница

Собранието на Македонија, архивска снимка

По петдневна пауза, Собранието на Македонија денеска треба да ја продолжи конститутивната седница на која се расправа за избор на Комисијата за прашања на изборите и именувањата. Почетокот на 13-тото продолжение на седницата е закажано во 11 часот. Во досегашниот тек од расправата со реплики се јавуваат пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои бараат СДСМ да се откаже од платформата од Тирана и дека тоа, според нив, е клучот за излез од политичката криза или да се распишат предвремени парламентарни избори заедно со локалните. Од СДСМ, пак, сметаат дека со расправата не се почитува собранискиот Деловник и дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дискутираат за теми кои не се во допир со точката на дневниот ред. Тие побараа да се стави на гласање нивниот предлог - да се премине на новата точка - избор на претседател на Собранието. Конститутивната собраниска седница почна на 30 декември 2016 година, но беше прекината, бидејќи не беше обезбедено парламентарно мнозинство за избор на претседател на Собранието.