Иванов: Нема мандат за Заев, ЕУ е импотентна

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.

Правно неиздржано е да се формира влада без определен мандат. Таквата влада би била без легитимност од претседателот, односно без уставна основа, вели претседателот Ѓорге Иванов, во интервју за австрискиот дневен весник „Винер Цајтунг“.

Тој во интервјуто потсетува дека по изборите на 11 декември му го додели мандатот за состав на Влада, на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, но тој не успеа да коалицира со партиите на македонските Албанци, во предвидениот рок од 20 дена, согласно Уставот.

„Да бидам попрецизен, коалицијата всушност беше договорена. Но, во последниот час имаше телефонски повик – и коалицијата се распадна“, одговара претседателот Иванов.

На прашањето „кој бил повикувачот“, Иванов одговара: „Вие сте новинар. Вие можете да го истражите тоа“.

Прашан што ќе се случи доколку некогаш се избере претседател на Собрание, а шефот на СДСМ повторно се договори со партиите на македонските Албанци и посака да состави Влада, Иванов со став дека на таква коалиција нема да го даде мандатот.

„Јас на таква коалиција нема да го дадам мандатот, и тоа од политички причини, вели Иванов посочувајќи на Тиранската платформа како политичка пречка.

„Тиранската платформа е директно мешање, но и загрозување на независноста на Република Македонија, а содржинските барања не се само политички опасни, туку се и противуставни, вели Иванов

Претседателот Ѓорге Иванов во интервјуто за вели дека лидерот на СДСМ Зоран Заев „не дозреал за улогата што му ја дале“, дека се преценил и самиот тој, а го прецениле и тие што му дале да игра таква улога и дека во политиката треба да има дијалог и компромис, а тој не сака да разговара.

„Која и да е коалиција создадена под уцена е нестабилна. Уставот се менува со двотретинско мнозинство. Но Заев ќе настојува да се донесат тие закони во Парламентот, за јас да ставам вето на нив, а Уставниот суд да покрене иницијатива и да ги поништи тие закони. Тоа ќе го прави Заев за после да ме обвини мене дека сум антиалбанец. Сфаќате колку е перфидна играта, вели претседателот Иванов за „Венр цајтунг“.

Според Иванов, Заев сака само да дојде на власт. Сега се наоѓа во деликатна ситуација. Доколку не успее да дојде на власт, би можел да заврши в затвор, вели Иванов.

„Јас не се заканувам. Македонските институции во даден момент ќе постапат против него, ќе ги истражуваат сите околности. На пример, интересно ќе биде прашањето кој му ги доставил прислушуваните разговори“, додава Иванов.

Според македонскиот претседател, нови парламентарни избори се една од опциите за излез од кризата.

Во интервјуто Иванов изразува разочараност од ЕУ, поради отсуството на осуда за тиранската платформа, со која според него, се уништил договорот од Пржино.

„ЕУ е импотентна и без моќ. Тие го водеа целиот процес и го донесоа Пржинскиот договор од 2015 година со кој требаше да излеземе од кризата. Но, Тиранската платформа доведе до институционална криза, блокада за Влада, неизбор на претседател на Собрание. Европската унија и Америка беа вклучени со цел да се реши политичката криза. Но тие не ги осудуваат оние што им го попречија решавањето на политичката криза и што создадоа институционална криза.“

Во интервјуто претседателот Иванов јасно посочува дека Македонија нема поинаква стратешка цел од членството во ЕУ и НАТО.

Во однос на прашањето дали САД треба да заземе водечка улога на Балканот, Иванов вели дека Америка веќе не е онаа Америка што некогаш беше.

На прашањето како ја гледа новата администрација на САД под новиот претседател Доналд Трамп, Иванов одговара дека на Трамп треба да му дадеме време.

Прашан за коментарите од руското МНР за случувањата во Македонија, Иванов со став дека Русија никогаш не се мешала во Македонија, дека само го искажала своето мислење и оти тоа е легитимно.