Северна Кореја подготвена да возврати со нуклеарни напади

Воена парада во Северна Кореја.

Северна Кореја ги предупреди Соединетите Американски Држави да не преземаат никакви провокативни акции на Корејскиот Полуостров, затоа што е подготвена да одговори со нуклеарни напади. Денеска во Северна Кореја се одбележува 105 годишнината од раѓањето на основачот на севернокорејската нација Ким Ил-сунг. По тој повод војници и воена опрема парадираа низ улиците на Пјонгјанг и демонстрираа сила ,а парадата ја надгледуваше лидерот Ким Џонг-ун. Официјалната севернокорејска новинска агенција КЦНА објави дека „сериозната воена хистерија на администрацијата на Трамп достигна опасна фаза која не може да се занемарува“.

До меѓународни тензии дојде по шпекулациите дека севернокорејскиот лидер Ким Џонг- ун може да спроведе уште еден нуклеарен тест. Американскиот претседател Доналд Трамп, минатата недела испрати носач на авиони кон Корејскиот полуостров за да ги одврати намерите на Северна Кореја да спроведат уште еден нуклеарен тест. Тој рече дека Северна Кореја е проблем за кој тој ќе се погрижи.

Во меѓувреме, администрацијата на Трамп предупреди дека е завршена политиката на САД на „стратешко трпение“ кон Северна Кореја.