Заев-седнување на заедничка маса не е во интерес на развојот на државата

Архивска фотографија-претседателот на СДСМ Зоран Заев

Неопходно стабилизирање на државата преку продолжување на демократските процеси во Македонија, било констатирано на средбата на претседателот на СДСМ Зоран Заев со амбасадорот на Франција во Македонија, Кристијан Тимоние, соопштија попладнево од СДСМ.

„Парламентарното мнозинство од 67 пратеници ќе го избере новиот претседател на Собранието, а потоа и новата реформска Влада, според Деловникот, Уставот и законите во Р.Македонија“ рече Заев, пренесуваат од СДСМ.

Во соопштението се наведува дека на средбата било оценето дека е потребно да се покаже зрелост за државните интереси на Македонија, а тоа се реформските процеси за квалитетен живот на сите граѓани и евро-атлантски перспективи на Р.Македонија.

„Никакви седнувања на заедничка маса од типот на Пржино 3, 4 и слично не се во интерес на потребниот развој на државата“ наведуваат од СДСМ.

Заев пред Тимоние оценил и дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски се обидувал да се наметне како фактор, преку тоа што наметнувал, како што пишуваат непостоечки теми, поттикнувал провокации, но тие биле јасни дека договор за амнестија немало.