Со реплики и процедурални забелешки продолжи конститутивната седница

Архивска фотографија-конститутивна седница на Собранието

Со реплики и процедурални забелешки на пратениците и денеска 12. ден по ред продолжи конститутивната седница на Собранието на Република Македонија, на која тие треба да се изберат претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, како и претседател на Законодавниот дом.

На дискусијата на пратеникот Димитар Стевананџија од ВМРО-ДПМНЕ, кој порача дека сите веќе 12 дена чекаат една реченица која треба да ја изговори лидерот на СДСМ и треба да гласи „не ја прифаќаме и ја отфрламе тиранската платформа, бидејќи во овој момент не и одговара на Република Македонија“, реплицираше неговиот сопартиец Илија Димовски, кој рече дека треба да имаме економски, социјални платформи, треба да има платформи за младите, за пензионерите.

Независниот пратеник Павле Богоевски рече дека благодарение на Шарената револуција ги откажале еднострано закажаните избори кои ги закажала ВМРО-ДПМНЕ, и избегнале демократија, како што рече, по терк на Трајко Вељаноски и засекогаш ја смениле политичката сцена во Македонија.

„Велите дека сме ги сквернавеле и уништувале државните симболи. Прво да почекаме да излезе на виделина вистината за „Скопје 2014“, па да видиме дали сквернавевме и уништувавме државни симболи“, рече Богоевски.

Пратеникот од СДСМ, Петре Шилегов побара од претседавачот Вељаноски да ги опоменува тие што реплицираат, да се држат до говорот на тој што зборувал, а да не прозиваат пратенции присутни и неприсутни во собраниската сала. Собраниската седницата ќе продолжи во 15 часот.