СДСМ повикува на разум, ВМРО-ДПМНЕ ги обвинува за пуч

Архивска фотографија-продолжение на конститутивната седница на деветиот парламентарен состав

Парламентарното мнозинство од 67 пратеници избрано на кредибилни избори и формирано на демократски начин е должно според Уставот, Деловникот и законите да избере нов претседател на Собранието и нова Влада, наведува СДСМ во денешното соопштение. Раководството на ВМРО-ДПМНЕ, како што се наведува во денешното соопштение, ги блокира демократските процеси и во јавноста шири насилна реторика.

„Неопходен е разум. На тоа повика и меѓународната заедница која јасно ја посочува одговорноста кај досегашната власт за дестабилизацијата што и ја прават на државата. Мора да се овозможи мирен трансфер на власта“, наведува СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ пак преку соопштение наведе дека СДСМ не успеал во обидот за пуч, не успеал со прекршување на деловникот за работа на Собранието, законот и Уставот, да избере претседател на Собранието.

"СДСМ не успеа да го направи првиот чекор за на мала врата да ја протурка платформата од Тирана. СДСМ сепак не се откажува од таквата своја намера, да формираат влада по волјата на Рама. СДСМ за да ја спаси својата криминална врхушка да не оди во затвор ја втурнува целата држава во политички амбис", истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата наведуваат дека граѓаните биле гневни на таквото однесување и се чувствувале изманипулирано од СДСМ кој, како што пишуваат, сакал да им ја продаде државата.

„СДСМ наспроти себе ги има граѓаните на Македонија, кои си ја бранат својата држава“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.