Осуда на нападот и поддршка за Русија

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Трамп понуди поддршка за Русија

Американскиот претседател Доналд Трамп му телефонирал на рускиот претседател Владимир Путин за да му понуди целосна поддршка на САД по вчерашната експлозија на бомба во метрото во Санкт Петербург при што загинаа најмалку 14 луѓе, додека над 50 се ранети. Досега никој не ја презеде одговорноста за нападот.

„Трамп и Путин се согласија дека тероризмот мора да биде решително и брзо поразен“, се наведува во соопштението на Белата куќа со кое е потврдена претходната изјава на портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков за телефонскиот разговор меѓу двајцата претседатели.

Претседателот Трамп, на разговорите во Вашингтон со египетскиот претседател Абдел Фатах ел Сиси, запрашан за нападот во Санкт Петербург изјави:

„Страшно. Страшна работа. Се случува во целиот свет. Апсолутно страшна работа“.

Неговиот портпарол Шон Спејсер, пак, рече дека Соединетите Држави го осудуваат овој акт на насилство и изрази сочувство до жртвите и нивните семејства.

Солидарност изразија и шефовите на дипломатиите на Европската унија кои во Луксембург расправа за иднината на Сирија.

Рускиот претседател Путин, кој за време на нападот се наоѓал во Санкт Петербург, синоќа положи цвеќиња во близина на местото каде што тој се случи. Путин претходно имаше состанок со безбедносните служби.

Досега никој не ја презеде одговорноста, а руските медиуми јавуваат дека властите веруваат оти станува збор за терористички напад.

Агенцијата Интерфакс јавува дека полицијата се сомнева оти нападот бил извршен од 23-годишен бомбаш самоубиец.

Агенцијата ТАСС, пак, јавува дека се верува оти во нападот биле инволвирани две лица, од кои една жена од Централна Азија.

Експлозијата се случи во еден вагон меѓу две метро станици.

Повеќето од повредените претрпеле рани од шрапнел. Се наведува дека се работи за експлозивна направа која била наполнета со околу еден килограм шрапнел.

Нападот ги врати мрачните секавања на претходните бомбашки напади на други места во Русија во изминативе две децении.

Најчесто одговорноста за нив ја преземаа или за нив беа обвинувани бунтовници од Чеченија или од други делови на Севрен Кавказ.

Последниот најголем напад се случи во Москва во 2010 година кога во експлозии во две метро станици загинаа 33 луѓе. Досега немаше поголеми терористички напади во Санк Петербург.