Собранието заврши за денеска, продолжува утре

Архивска фотографија-собраниска седница

Собранието на Република Македонија попладнево на конститутивната седница за избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата продолжи дебатата со процедурални изјаснувања, а завршија репликите на вчерашното излагање на пратеникот Илија Димовски.

Пратениците од ВМРО-ДПМНE ги повторија барањата јасно да се каже што е договорено со ДУИ, како и за откажување од тиранската платформа. Потенцираа дека единствен излез од политичката криза е одржување предвремени парламентарни избори заедно со локалните.

Пратениците од СДСМ, пак, побараа да се престане со кршење на Деловникот и на злоупотребата на институтот за процедурални забелешки. Посочија дека дебатата треба да се фокусита на точката на дневниот ред и да се остави за секое прашање да се дебатира кога ќе дојде време за тоа.

Пратениците во текот на расправата си разменија меѓу себе и обвиненија и прозивки за наводни криминали и злоупотреби. Пратеникот од СДСМ Дамјан Манчевски побара да се продолжи вечерва со седницата но претседавачот Трајко Вељаноски ја прекина во 18 часот и најави продолжување утре во 11 часот. По оваа точка на дневен ред беа пријавени над 50 пратеници.