НАТО го презакажа министерскиот состанок за да може да присуствува и Тилерсон

Aмериканскиот државен секретар Рекс Тилерсон

НАТО потврди дека состанокот на министрите за надворешни работи на Алијансата е презакажан за 31 март. Извори од НАТО за Радио Слободна Европа денеска потврдија дека седницата на Советот НАТО-Русија е планирана за 30 март.

Министерскиот состанок на НАТО требаше да се одржи на 5 и 6 април, но откако стана јасно дека американскиот државен секретар Рекс Тилерсон ќе го прескокне состанокот, НАТО го презакажа за друг датум. Одлуката на Тилерсон да не присуствува на состанокот првично закажан за 5 и 6 април, што ќе беше негова прва можност да се сретне со колегите од земјите од НАТО, предизвика загриженост кај некои европски функционери во врска со посветеноста на новата администрација на САД кон Алијансата, особено откако Тилерсон најави дека планира набрзо да ја посети Москва. Американскиот државен секретар соопшти дека е зафатан во тој период затоа што сака да присуствува на средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот кинески колега Кси Џинпинг во Флорида.

Според новиот распоред, Тилерсон ќе присуствува на министерскиот состанок на НАТО, еден ден по состанокот со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Анкара.