Собранието утре ќе ја продолжи конститутивната седница

Конститутивна седница на деветиот собраниски состав на 30 декември 2016

Собранието на Република Македонија утре ќе ја продолжи конститутивната седница на која ќе се избира претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

На дневен ред на седницата е и изборот на претседател на Собранието на Република Македонија.

Парламентарните партии по тридневните состаноци во Собранието, во четвртокот постигнаа договор претседателот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата да биде од ВМРО-ДПМНЕ. Според партиски извори, тоа најверојатно ќе биде Илија Димовски.

Според претходно договореното од политичките партии, ВМРО-ДПМНЕ ќе има шест члена во Комисијата за прашања на изборите и именувањата, СДСМ пет, а ДУИ и Беса по еден член.

Утврдувањето на предлогот за состав на Комисијатаза прашања на изборите и именувањата е предуслов за продолжение на конститутивната собраниска седница која почна на 30 декември 2016 година, но беше прекината, бидејќи не беше обезбедено парламентарно мнозинство за избор на претседател на Законодавниот дом.