Вајгл - Не сум рекол дека Груевски ќе оди до крај зашто не сака во затвор

Известувачот за Република Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл,

Известувачот за Република Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл, денеска во изјава за МИА демантира дека тој за некој медиум изјавил нешто во врска со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, ниту дека пренесувал нешто што Груевски му го кажал нему при нивната последна средба во Скопје.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, во телефонски разговор од неговата родна Словенија, Вајгл негира дека воопшто споменувал некого индивидуално во однос на македонската политичка криза, камоли дека, според пишувањето на некои медиуми, тој пренесувал што Груевски нешто и некогаш му кажал на него.

„Јас како човек никогаш не персонифицирам одговорност и не се плеткам во македонската политика со прозивки на некои имиња и луѓе. Јас не знам да ја редуцирам вината на некое одредено име. Јас не зборував за тоа. Јас зборував за тоа што и претходно го кажав за Нова ТВ, а се разбира тоа е дека Македонија мора да ја доживее својата катарза на сопствената политика и патот за натаму е и преку тоа што го прави Специјалното обвинителство. Доколку се утврди низ правосудството дека постои некаква индивидуална одговорност на кого било, тогаш тој се разбира дека ќе мора во правната држава за тоа да сноси консеквенци“, дециден е Вајгл во телефонска изјава за МИА.

Новинската агенција Анадолија претходно пренесе дека Вајгел рекол дека ситуацијата во Македонија е многу сериозна, но сè уште не е крајно алармантна. „Најкарактеристична е, сепак, изјавата која ни ја даде Никола Груевски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, кој сподели дека тој ќе оди до крај, бидејќи не сака да оди во затвор. Ако тоа е мотивот, тоа значи дека долго време нема да има компромис“, е изјавата на Вајгл која ја објави Анадолија. ВМРО-ДПМНЕ побара тој да се огради од оваа изјава.