Полицијата во Белорусија против антивладините демонстранти

Полицијата апси учесници на протестот за одбележување на Денот на слободата.

Полицијата во Белорусија извршила рација во канцеларијата на истакната организација за човекови права во Минск, при што се уапсени десетици луѓе, во време кога се организираат антивладини протести низ целата земја. Од невладината организација „Пролет“ која е цел на полицијата во последните неколку месеци, на нивната веб страница денеска објавија дека полицајците го блокирале нивното седиште и дека ја пребаруваат канцеларијата. Уапсени се 57 луѓе, меѓу кои и странски набљудувачи, кои потоа биле однесени во полициска станица, велат од невладината. Потоа биле пуштени неколкумина од приведените.

Полицијата исто така уапсила повеќе од 1000 луѓе во Минск, кои се собрале на маршот за одбележување на Денот на слободата, еден од настаните кои се организираат против претседателот Александар Лукашенко.

Белоруските власти претходно соопштија дека одржувањето на минигот во центарот на градот е незаконито. Демонстранти се собираат и во неколку други поголеми градови во Белорусија, но властите и таму не дозволуваат протести.

Денот на слободата е всушност одбележување на годишнината од Белоруската Народна Република, која траела помалку од една година во 1918.

Стотици граѓани во изминатите денови протестираат во Белорусија против непопуларниот закон за работа, кој предвидува казни за невработените.