СДСМ:Нема да дозволиме поединци да ја дестабилизираат Македонија

Претседателот на СДСМ Зоран Заев ја презентира програма на новата влада

Сите политички партии и институции мора да им отворат пат на демократските процеси во Македонија, бидејки тоа е избор на граѓаните. На Македонија и е потребно брзо решение на политичката криза, соопшти СДСМ.

Домашната и меѓународната јавност, посочуваат од партијата, очекуваат државничко однесување од страна на Собранието на Република Македонија и од страна на институцијата претседател на државата, кои мора да овозможат составување нова влада.

Од СДСМ потенцираат дека како сериозна партија ќе продолжат внимателно да ги движат демократските процеси.

„Низ институциите на системот ќе биде избран новиот претседател на Собранието и тој ќе го извести Ѓорге Иванов дека е должен веднаш да му го даде мандатот на претседателот Заев, за состав на новата Влада. Нема да дозволиме поединци вмешани во криминал да ја дестабилизираат Македонија и да ги вовлекуваат во опасност граѓаните и нивните семејства“, стои во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ, преку соопштение, наведуваат дека „СДСМи Зоран Заев не можат да тргуваат со највисоките национални и државни интереси само за да се спасат и да не одговараат за криминалите што ги сториле“. Според ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ со самото прифаќање на, како што ја нарекуваат тиранската платформа, во целост ја втурнале Македонија во процес на федерализација.

Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека за иднината на земјата, за атрибутите на унитарна и мултиетничка држава, инсистираат да се одржат нови парламентарни избори.