ВМРО-ДПМНЕ го обвинува СЈО за политички прогон

По објавувањето на новите четири истраги на Специјалното јавно обвинителство именувани како Табла, Триста, Тотал, и Тифани, со реакција се јави ВМРО-ДПМНЕ. Во нивната писмена реакција е наведено дека „СЈО функционира како општинска организација на СДСМ која ги бие политичките битки на Зоран Заев против неговите неистомисленици“. Според ВМРО-ДПМНЕ СЈО спроведува нарачан „политички прогон против медиуми и новинари кои не се под контрола на лидерот на СДСМ Зоран Заев и кои од негова страна беа прогласувани за најголеми политички непријатели, шпиуни, лажговци и јавно беа навредувани.

„Денешниот настап на буквата „Т“, беше целосно во функција на дефокусирање од тиранската платформа која, како што се посочува во соопштението, уценетиот Заев ја прифатил само за да дојде на власт и да се спаси од одговорност за сторениот криминал, “ се вели во соопштението.

Инаку во новите истраги осомничен е поранешен помошник министер во МВР за злоупотреба на службена должност при спроведување на јавна набавка при што го оштетил буџетот за речиси половина милион евра. Во истрагите именувани како Тотал и Тифани, осомничени се сопствениците на фирмите „Тотал маркетинг агенција“, „Тотал маркетинг“, „Тотал медиа центар“ и „Медиамакс“ „Смарт центар“ и „Смарт груп“ за даночно затајување. Осомничените се уредници во еден од медиумите за кои се смета дека се блиски до ВМРО-ДПМНЕ.