Координативната средба без договор за претседател на Комисијата

Собраниска седница

Координативната средба на претставници на парламентарните групи во македонското Собрание продолжува утре на пладне откако тие не успеаа да се договорат за тоа кој ќе биде претседател на Комисијата за прашања на изборите и именувањата како предуслов за закажување продолжение на конститутивната собраниска седница. Тие треба да се договорат дали претседателот на комисијата ќе биде од редовите на ВМРО ДПМНЕ или СДСМ. Тие претходно постигнаа согласност 6 членови во комисијата да бидат од ВМРО ДПМНЕ, 5 од СДСМ, и по еден член да има од ДУИ и од БЕСА.

Според Деловникот на Собранието, Комисијата за прашања на изборите и именувањата се избира на Конститутивната седница на Парламентот на предлог на најмалку 10 пратеници, а нејзиниот состав треба да обезбеди соодветна застапеност на пратениците од политичките партии застапени во Парламентот. Оваа Комисија или најмалку 20 пратеници може да предложат кандидат за претседател на Собранието, а предлагач може да биде и пратеник. Конститутивната седница на Собранието се одржа на 30 декември, но беше прекината бидејќи не беше обезбедено парламентарно мнозинство за избор на претседател на Законодавниот дом.