СДСМ- Иванов ќе биде писмено известен за мандатот

Архивска фотографија-претседателот на СДСМ Заев му ги достави на претседателот Иванов потписите за мнозинство,27.02.2017

Ќе има конститутивна седница и избор на нов претседател на Собранието и од него Ѓорге Иванов ќе биде известен дека е должен веднаш да му го даде мандатот на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, за состав на новата Влада, соопшти СДСМ како реакција на интервјуто на претседателот Ѓорге Иванов за унгарскиот весник „Magyar Hírlap“

„Ѓорге Иванов нема право за личен спас на Никола Груевски да ги држи во заложништво граѓаните и Република Македонија!Со денешниот интервју, Иванов самиот се разобличи во намерата да го поддржува Груевски во неговата цел за продлабочување на политичката криза“ се наведува во соопштението.

Од партијата пишуваат и дека постои програма на новата Влада којашто ја гарантирала уставноста на државата, владеењето на правото и евро-атлантските перспективи и постои парламентарно мнозинство.

Иванов кој е во официјална посета на Унгарија во интервјуто вели дека можно решение за надминување на ситуацијата се и нови предвремени парламентарни избори на кои граѓаните ќе се изјаснат и за темите кои се наметнаа во постизборниот период.

Тој нагласува и дека лидерот на втората партија според бројот на освоени мандати СДСМ наместо во рок од десет дена го известил по 27 дена дека има обезбедено мнозинство во Собранието со поддршка, на како што вели, сите партии на етничките Албанци. Претседателот додава и дека иако побарал јавно и јасно да ја отфрли и осуди платформата на партиите на Албанците тоа изостанало.