Турските министри планираат нови собири во Германија

илустрација - Турски демонстранти на собир пред турскиот конзулат во Ротердам по дипломатскиот спор меѓу земјите. 11.03.2017

Турција соопшти дека постои можност турските министри да планираат нови собири во Германија во пресрет на референдумот на 16 април, потег со кој дополнително ќе ескалираат тензиите меѓу Анкара и Берлин. Коментарите ги даде денеска портпаролот на претседателот Реџеп Таип Ердоган, Ибрахим Калин, во интервју за Си-Ен-Ен.

Претходно Калин ги критикуваше германските власти дека и дозволиле на забранетата Курдска работничка партија ПКК да одржува собири во Германија. Околу 30 илјади Курди вчера се собраа во Франкфурт на протест против референдумот кој го бара Ердоган, со кој ќе му се даде поголема моќ на претседателот.

Турција влезе во дипломатски спор со Германија и Холандија, откако двете земји забранија турски министри да одржуваат собири за иселените Турци, изразувајќи загриженост за безбедноста. Ердоган одговори, обвинувајќи ја Германија за нацистички практики, а Холандија за масакрто во Сребреница.