„Стандард и Пурс“ - Политичката криза најголема закана за економијата

Архива - Зградата на Стандард и Пурс во Њујорк.

Кредитниот рејтинг на Македонија е ББ- со стабилен изглед, потврди кредитната агенција Стандард и Пурс. Оттаму оценуваат дека во македонската економија има позитивни трендови и покрај политичката криза како најголема закана за неа. Стандард и Пурс наведува дека нивните проекции се позитивни, иако е пораснат државниот долг кој може да се квалификува како низок во споредба со земјите со ист кредитен рејтинг.

Од кредитната агенција очекуваат невработенста да продолжи да се намалува, и во 2020 година да достигне 21,5 отсто. Според нивните проекции инвестициите и извозот ќе продолжат да растат и на среден рок, а економските зони ќе бидат генератор на економскиот раст. Буџетскиот дефицит од 2,8 отсто во 2016 година е низок, а земјата спроведува фискална консолидација за да го сведе на 2,2 проценти до 2019 година, посочуваат од Стандард и Пурс.

Од СДСМ денеска во партиско соопштение наведуваат дека Стандард и Пурс го потврдила негативниот кредитен рејтинг на Македонија и со тоа се покажало дека во изминатиот период се спроведени лоши економски политики во земјата. Од партијата истакнуваат дека продлабочувањето на политичката криза штетно влијае на економијата и затоа е потребно да се одблокираат демократските процеси за избор на нова влада, се вели во соопштението на СДСМ.

Според ВМРО-ДПМНЕ потврдувањето на кредитниот рејтинг на Македонија ББ- со стабилен изглед од страна на агенцијата е благодарение на добрите економски политики на владата предводена од нивната партија, како што посочуваат, и покрај наметната криза од страна на СДСМ. Оттаму додаваат дека македонската економија ги постигнала резултатите благодарение на големиот број реформи и проекти спроведен во последните години од ВМРО-ДПМНЕ.