Сириските бунтовници ги напуштаат последните упоришта во Хомс

Уништени згради од борбите во сирискиот град Хомс. 05.03.2017

Сириските бунтовници и нивните семејства ги напуштаат нивните последни упоришта во градот Хомс, согласно договорот за евакуација поддржан од Русија. Автобуси денеска започнаа да пренесуваат луѓе од областа Ал-Ваир. Денеска се очекува околу 1500 луѓе, вклучително најмалку 400 бунтовници, да заминат во области под контрола на опозицијата североисточно од Алепо.

Согласно договорот се очекува во наредните недели да бидат евакуирани меѓу 10 и 15 илјади бунтовници и цивили. Хомс во 2011 година беше центар на бунтот против претседателот Башар ал-Асад. Во областа Ал-Ваир живеат околу 75 илјади луѓе и е под опсада на владините сили од 2013 година.