Заев: Јас сум таргет на Зврлевски по секој нов случај на СЈО

Лидерот на СДСМ Зоран Заев

Лидерот на СДСМ Зоран Заев изјави дека тој е таргет на обвинителството на Марко Зврлевски, секојпат кога Специјалното јавно обвинителство ќе отвори нов случај. Тој ова го кажа по денешниот распит во Основното јавно обвинителство, кое го сомничи за злоупотреба на изборна кампања. Заев рече рече дека покрај него, осомничено е уште едно лице вработено во администрацијата на СДСМ, како и едно правно лице од СДСМ.

„Ни беа презентирани индициите за злоупотреба на изборната кампања во 2016 година од страна на обвинителот и договорено е следниот чекор да биде во среда, во 12 часот да направиме увид во доказите за да можеме да ја дадеме нашата одбраната. СДСМ има јавно објавен ревизорски извештај и нема никакво сомневање за начинот на кој е водена кампањата“, изјави Заев.

Вчера Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција соопшти дека отворило две истражни постапки против поранешни функционери на МВР од локалната самоуправа и високи функционери од „одредена политичка партија“, кои се товарат за поткуп на гласачи во две изборни единици за време на изборите во април 2014 и во декември минатата година.