СЈО демантира поврзаност со СДСМ

Архивска фотографијаПрес-конференција на Специјалното јавно обвинителство. Специјалните обвинителки Ленче Ристоска, Катица Јанева, Фатиме Фетаи.

Специјалното јавно обвинителство преку соопштение најостро ги демантираше наводите за поврзаност на обвинителството со Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, искажани во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

„Во оваа прилика укажуваме дека ова Јавното обвинителство, како независна и професионална институција, е формирано со Закон за кој во Собранието на Република Македонија гласаа вкупно 111 пратеници, вклучително и пратениците од партијата ВМРО-ДПМНЕ“ се наведува во краткото соопштение од СЈО.

Претходно ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека со внимание и одблиску ги следеле како што напишаа тенденциите на партискиот огранок на СДСМ наречен СЈО во случајот со обидот за “незаконско одредување притвор на сопственикот на ТВ НОВА, Сеад Кочан“.

„ВМРО-ДПМНЕ ги предупредува судиите, независно дали се под притисок на СДСМ, или пак од било која причина сакаат да го задоволат Зоран Заев и неговиот сценарист, дека треба да работат согласно законот и Уставот и дека не смеат да се претворат во политичка алатка на СДСМ и СЈО. Секое незаконско работење ќе подлежи на одговорност, и секој во оваа држава треба да е еднаков пред законите, вклучително и судиите“, наведоа од ВМРО-ДПМНЕ.