ВМРО-ДПМНЕ: Притворот за Кочан притисок и можност за затворање на ТВ НОВА

ВМРО-ДПМНЕ лого, амблем

ВМРО-ДПМНЕ смета дека одредувањето притвор на сопственикот на ТВ НОВА Сеад Кочан е незаконско и со него се сака да се направи притисок и по можност затворање на ТВ НОВА, да се испрати порака и заплашување до сите медиуми кои не мислат како Зоран Заев и неговите сценаристи, како и заплашување на припадниците на етничките заедници кои не се согласуваат со неговите политики.

„ Овој чин ќе биде сериозен удар врз медиумските слободи во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ нема да остане рамнодушна на ваквата политика на СДСМ која како поразена на изборите не дошла на власт, но преку СЈО каде е на власт од првиот ден на неговото формирање, веќе практикува крајно недемократско владеење, загушување на медиумските слободи, кршење на законите и погазување на демократијата, се вели во денешното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.

Преку соопштението, партијата испраќа предупредување до судиите да внимаваат како работат.

„Секое незаконско работење ќе подлежи на одговорност и секој во оваа држава треба да е еднаков пред законите, вклучително и судиите. Евентуалното подлегнување на притисок или влијание врз судот во случајот со сопственикот на овој медиум нема да остане без реакција на ВМРО-ДПМНЕ“, се истакнува во соопштението.