Бејли: важно е демократските институции да функционираат

Амбасадорот на САД во Македонија Џес Бејли

Ние остануваме партнер и пријател на Македонија, сакаме да помогнеме процесот да се движи напред, но на крајот на денот се зависи од вас, од граѓаните, од вашите лидери, да профункционираат демократските институции. Има тензии во општеството, има поделби, и важно е институциите да ги приближуваат граѓаните заедно, изјави денеска американскиот амбасадор Џес Бејли кој присуствуваше на завршниот настан на проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието.

На новинарско прашање во врска со доделувањето на мандатот за формирање нова влада, тој повтори дека очекуваат претседателот Иванов да ја преиспита неговата одлука. Мислам дека неколку пати дадовме коментар во врска со одлуката на претседателот Иванов. Сметаме дека тоа не беше правилна одлука и се надеваме дека ќе ја преиспита. Мислам дека е важно демократските институции да функционираат и во тоа се содржани решенијата, истакна амбасадорот Бејли.

Тој додаде дека Договорот од Пржино останува добра основа за надминување на политичката криза во земјата. Одлуката за тоа треба да ја донесат граѓаните, односно политичките лидери во земјата, истакна Бејли.