Германска сојузна покраина забрани странски политички кампањи

Германија - Постер на тротоар во Берлин од кампања против референдумот во Турција. 13.03.2017

Гувернер на германска сојузна покраина денеска објави дека забранува политичка кампања на странски политичари, откако ескалираа дипломатските препукувања меѓу Турција и европските земји.

Гувернерката на западната германска покраина Сар, Анегрет Крамп-Каренбауер изјави дека внатрешните турски конфликти немаат место во Германија и оти треба да се забранат изборните настапи кои го ставаат во ризик мирот во земјата.

Таа истакна дека на секоја од 16-те сојузни покраини на Германија им е дозволено да забранат политички активности кои го ставаат во ризик мирниот соживот на Германците и на странците.

Сар ќе ги искористи „сите можности“ за да ги спречи ваквите собири, се вели во соопштението. Досега, германската федерална Влада соопшти дека нема да вовее целосна забрана на членови на турската влада да одржуваат политички собири во земјата.