МАНУ дискутираше за актуелната криза во земјата

Архива: Одбележување на 47-годишнината од основањето на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ)

Состојбата е премногу сериозна и тензична, неопходно е сите политички субјекти да разберат дека е потребна мала искра за разгорување на внатреетнички и меѓуетнички судири кои можат комплетно да ја дестабилизираат земјата. Потребно е без одлагање дебатите за клучните реформски приоритети на земјата и за комплексните прашања од меѓуетничките односи да се вратат и одвиваат во институциите на системот, изјави денеска претседателот на Македонската академија на науките и уметностите Таки Фити, на 50-то годишно Собрание на МАНУ.

Тој додаде дека сите предложени решенија треба да бидат во согласност со Уставот на Република Македонија и дека МАНУ за секое законско понудено решение ќе се произнесе кога тоа ќе биде изнесено на јавен увид. Фити повика на брзо дејствување и мирна разрешница на кризата.

Академиците говореа и за платформата на Албанците. Академик Митко Маџунков рече дека платформата на албанските партии ги повредува чувствата на Македонците и дека Албанците треба да се извинат и да ја повлечат, а меѓународната заедница да се огради. Тој рече дека платформата содржи прашања за унитарноста и федерализацијата на Македонија, поради што е нужно МАНУ да го потврди својот став за единственоста и неделивоста на државата.

Академик Катица Ќулавкова рече дека смета оти платформата е алатка за дестабилизација на државата и институциите, а не за заштита на правата на Албанците. Таа истакна дека МАНУ не би требало да излегува со иницијатива за контраплатформа и дека платформите треба да се повлечат од двете страни, и на лабанските партии и на оние кои бараат одбрана од неа.

Академик Луан Старова изјави дека не чувствува дека макекедонскиот јазик е загрозен од Албанците, додека академик Иван Катаџиев истакна дека за ваква дебата е потребно МАНУ да организира посебна дебата, на која академиците ќе бидат подготвени и нема да импровизираат.